ЕУ денес остро одговори на коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја нарече Европа „неуспешна“ група земји управувани од „слаби“ лидери. Во големо интервју за Политико, емитувано денес, Трамп ја критикуваше Европа како лошо управувана и неспособна за регулирање на миграцијата, пишува Политико .
„Мислам дека се слаби“, рече републиканецот, осврнувајќи се на претседателите и премиерите на европските земји, додавајќи: „Не мислам дека знаат што да прават. Европа не знае што да прави“.
На острата оценка на Трамп реагираше главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо, која силно ги бранеше европските лидери.
„Многу сме задоволни и благодарни што имаме одлични лидери, почнувајќи од претседателката на Европската комисија фон дер Лајен, на која сме навистина горди, кои можат да нè водат низ многуте предизвици со кои се соочува светот“, рече Пињо.
Таа, исто така, ги пофали „многуте други лидери на чело на 27-те земји-членки кои се дел од овој европски проект, овој мировен проект, кои ја водат ЕУ низ сите предизвици со кои се соочува, од трговија до војна во нашето соседство“.
„Затоа, дозволете ми да ја искористам оваа можност да го повторам она што го чувствуваат милиони граѓани во ЕУ: Ние сме горди на нашите лидери“, заклучи таа.
Европа беше цел на повеќекратни напади од администрацијата на Трамп во последните денови. Американскиот манифест за национална безбедност сугерираше дека континентот е во цивилизациски пад, додека високи функционери ја критикуваа ЕУ за цензура откако Комисијата ја казни социјалната мрежа на Илон Маск со 120 милиони евра за кршење на правилата за транспарентност.
