Ултиматум од Трамп: Иран мора безусловно да капитулира

Американскиот претседател Доналд Трамп побара „безусловна капитулација“ на Иран, со што дополнително ја заостри реториката една недела по почетокот на војната што САД ја започнаа заедно со Израел.

„Нема да има договор со Иран освен БЕЗУСЛОВНА КАПИТУЛАЦИЈА“, напиша Трамп на социјалните мрежи. Тој додаде дека по тоа би следувал избор на „голем и прифатлив лидер“ за Иран, по што САД и нивните сојузници би помогнале земјата да се опорави економски.

Неговата изјава доаѓа во момент кога се појавија првите сигнали за можни дипломатски посредувања. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан соопшти дека неколку држави започнале напори за медијација со цел да се стави крај на конфликтот, но не прецизираше кои земји се вклучени.

Во меѓувреме, борбите на теренот продолжуваат да се интензивираат. Израел изврши нови напади врз цели во Иран и Либан, додека Иран испрати ракети кон Израел и кон неколку држави од Персискиот Залив во кои се наоѓаат американски воени бази.

Трамп претходно изјави дека сака да има улога и во изборот на нов ирански врховен лидер, кој треба да го наследи ајатолахот Али Хамнеи, убиен на првиот ден од војната. Според портпаролката на Белата куќа Каролин Ливит, американските разузнавачки служби веќе разгледуваат потенцијални кандидати.

Иранскиот амбасадор во Обединетите нации, Амир Саид Иравани, одговори дека новото раководство ќе биде избрано „исклучиво според уставните процедури и волјата на иранскиот народ, без никакво странско мешање“.

Израел ги проширува нападите и врз Либан

Израел во петокот започна голема воена операција во Либан, откако издаде наредба за евакуација на целите јужни предградија на Бејрут. Израелската војска соопшти дека цел на нападите биле командни центри на иранската Револуционерна гарда и позиции на либанското движење Хезболах.

Хезболах оваа недела изврши напади врз Израел како одмазда за убиството на Хамнеи. Илјадници луѓе беа принудени да ги напуштат домовите.

„Спиеме на улиците – некои во автомобили, некои на плажа. Никој дури ни ќебе не донесе“, изјави жител на Бејрут кој побегнал од јужните делови на градот.

Според Норвешкиот совет за бегалци, околу 300.000 луѓе биле раселени во Либан во последните четири дена.

Ракетни напади и регионална ескалација

Во Израел се слушале експлозии додека системите за воздушна одбрана пресретнувале ирански ракети. Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Катар, Бахреин и Саудиска Арабија исто така пријавиле нови напади со дронови и ракети.

Израелската армија тврди дека уништила околу 80 проценти од иранските системи за противвоздушна одбрана и повеќе од 60 проценти од лансерите за ракети во првата недела од кампањата.

Во меѓувреме, според извештај на „Вашингтон пост“, Русија му доставува на Иран информации за позициите на американските воени бродови и авиони во регионот, иако Москва засега не ја коментираше информацијата.

Пазарите реагираат на ескалацијата

Изјавите на Трамп и продолжувањето на конфликтот предизвикаа силни реакции на финансиските пазари. Европските и американските берзи забележаа пад, додека цените на нафтата достигнаа највисоко ниво од 2023 година.

Причина за тоа е и практичното затворање на Ормускиот теснец, што сериозно го ограничува протокот на енергенси од Персискиот Залив.

Според иранските власти, најмалку 1.332 лица загинале во Иран од почетокот на нападите на 28 февруари. Во Израел се потврдени најмалку 11 жртви од иранските напади, додека шест американски војници исто така загинале.

Истовремено, американски воени истражители испитуваат дали американски сили случајно погодиле училиште за девојчиња во Иран на првиот ден од војната, напад во кој загинале десетици деца.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни