Трампова администрација најави нов бран на укинување на прописи, вклучувајќи го укинувањето на ограничувањата за емисии од електрани и автомобили што ги воведе неговиот претходник Џо Бајден, како заштита на водните патишта.
Многубројни промени што ги најави трамповата Агенција за заштита на животната средина (EPA) се во согласност со претседателовите ветувања дека ќе ги укине прописите за да се поттикнат различни индустрии и да се зголеми националното производство на нафта и минерали.
„Денес е најуспешниот ден на дерегулација во историјата на Америка“, рече администраторот на EPA, Ли Зелдин, во видео порака на X.
Зелдин прво најави дека ќе се стесни дефиницијата на пловни патишта што се заштитени според законот за чиста вода, што може да ги ублажи ограничувањата кои се однесуваат на загадувањето од земјоделство, рударство и петрохемија.
Подоцна, Агенцијата соопшти дека ќе ги прегледа правилата за чистите електрани од мандатот на Бајден, кои имаат за цел да ги намалат емисиите од електраните и ќе ги поништат стандардите за емисија на стакленички гасови за тешки и лесни возила од моделската година 2027. па натаму.
Групите за заштита на животната средина најавија дека ќе се борат против овие потези на администрацијата.
„Ова нема да помине на суд. Ќе се бориме со сите средства“, изјави Џејсон Рајлендер, правник од Институтот за климатско право на Центарот за биолошка разновидност.
„Без разлика на тоа дали ќе се соочиме со пеколни олуи и смртоносни топлотни бранови, Трамп и неговите сојузници се решени да ги стават профитите на загадувачите пред животите на луѓето.“
Националната асоцијација на рудари го поздрави укинувањето на правилата за чистите електрани, велејќи дека тоа требаше да се направи одамна.