Трамп во судска битка со даночната служба на САД

Американскиот претседател тврди дека државните институции не ги заштитиле неговите доверливи даночни податоци, кои биле незаконски протечени до медиумите за време на неговиот прв мандат.

Американскиот претседател Доналд Трамп поднесе тужба против Управа за јавни приходи на САД (IRS) и Министерството за финансии, барајќи најмалку 10 милијарди долари оштета поради, како што наведува, незаконско протекување на неговите даночни пријави. Тужбата е поднесена пред федерален суд во сојузната држава Флорида и се однесува на настани од времето на неговата прва администрација.

Во постапката, на Трамп му се приклучуваат и неговите синови Доналд Трамп Помладиот и Ерик Трамп, кои настапуваат во лично својство, а не како јавни функционери. Во тужбата се наведува дека државните институции не успеале да ги заштитат доверливите даночни информации на семејството Трамп и на компанијата Trump Organization.

Протекување до медиуми и судска пресуда

Според наводите, податоците биле доставени до медиумите од Чарлс Литлџон, поранешен надворешен соработник на управата, кој бил ангажиран преку консултантската компанија Booz Allen Hamilton. Тој, наводно, незаконски прибавил и објавил илјадници даночни пријави, меѓу кои и оние на Трамп, кои подоцна биле објавени во медиуми како New York Times и ProPublica.

Литлџон во 2024 година беше осуден на пет години затвор поради неовластено откривање доверливи даночни податоци на бројни богати поединци. Правниот тим на Трамп тврди дека Порезната управа носи директна одговорност, бидејќи Литлџон имал пристап до системите и податоците под слични услови како и вработените во агенцијата.

Обвинувања за системски пропусти

Во тужбата се наведува дека Литлџон искористил долготрајни безбедносни пропусти за кои институциите биле предупредени, но не презеле соодветни мерки. Адвокатите на Трамп тврдат дека „политички мотивиран поединец“ добил можност да дистрибуира приватни и доверливи податоци до јавноста, со што биле повредени основните права на приватност.

Како реакција на случајот, Министерството за финансии на САД неодамна ја прекина соработката со Booz Allen Hamilton и најави раскинување на федерални договори во вредност од 21 милион долари. Причината, според министерството, е недоволната заштита на чувствителните податоци до кои компанијата имала пристап преку договорите со Порезната управа.

Одбивањето на Доналд Трамп да ги објави своите даночни пријави за време на првиот мандат предизвика сериозни контроверзии и ја прекина долгогодишната традиција на транспарентност кај американските претседателски кандидати. По долга правна битка, во 2022 година, Конгресен комитет објави шест години од неговите даночни податоци, по одлука што стигна и до Врховниот суд на САД.

Тужбата за 10 милијарди долари отвора ново поглавје во правните и политичките спорови поврзани со даночните прашања на актуелниот американски претседател и улогата на државните институции во заштитата на чувствителните податоци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни