Трамп тргна за Давос по дефект на Air Force One

Авионот Air Force One се врати во САД поради електричен дефект, но Доналд Трамп сепак тргна за Давос со друг авион и ќе учествува на Светскиот економски форум.

Авионот на американскиот претседател Доналд Трамп, познат како Air Force One, бил принуден да се врати во САД кратко по полетувањето кон Швајцарија поради помал електричен дефект, објавија американските медиуми.

Трамп патувал на Светскиот економски форум во Давос кога екипажот забележал технички проблем и, од безбедносни причини, одлучил авионот да се врати во воздухопловната база Ендрјус, каде што безбедно слетал.

Иако првично не беше јасно дали патувањето ќе продолжи, подоцна беше потврдено дека американскиот претседател се качил во друг авион и го продолжил патот кон Давос.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, соопшти дека станува збор за „мал електричен проблем“ и нагласи дека враќањето било превентивна мерка. Податоците од системите за следење на летови покажале дека авионот го сменил правецот над Атлантскиот Океан, во близина на Њујорк.

Патувањето на Трамп се одвива во чувствителен политички момент, во екот на зголемени тензии со европските сојузници, особено поради неговите изјави поврзани со Гренланд. Трамп најави дека во Давос ќе има бројни состаноци и не ја исклучи можноста за користење и други политички и економски инструменти освен царини.

Во меѓувреме, претседателот повторно ги критикуваше Обединетите нации, оценувајќи дека организацијата „никогаш не го остварила својот потенцијал“, и тврдејќи дека неговата администрација одиграла клучна улога во решавањето на повеќе меѓународни конфликти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни