Еден од најблиските соработници на американскиот претседател Доналд Трамп, Стивен Милер, изјави дека Соединетите Американски Држави нема да се соочат со воен отпор доколку го преземат Гренланд, автономната територија во состав на Данска.
Во интервју за Си-Ен-Ен, Стивен Милер, заменик-шеф на кабинетот на Трамп задолжен за политика, рече дека официјалниот став на Вашингтон е оти Гренланд „треба да биде дел од САД“.
Изјавата следува по обновените повици на Трамп за преземање контрола врз стратешки важниот арктички остров, богат со минерални ресурси, по американската воена операција во Венецуела, во која беше приведен поранешниот претседател Николас Мадуро.
Милер директно го доведе во прашање правото на Данска да управува со Гренланд, нарекувајќи го островот „данска колонија“.
„Кое е правото на Данска да тврди дека го контролира Гренланд? Кој е правниот основ на нивното територијално барање?“, изјави Милер.
Тој додаде дека САД се клучната сила во НАТО, и дека за обезбедување на Арктикот и заштита на интересите на Алијансата „е логично Гренланд да биде дел од Соединетите Држави“.
Запрашан дали Вашингтон ја исклучува употребата на сила, Милер рече дека „нема потреба ни да се размислува за воена операција“, додавајќи дека „никој нема да војува со САД за иднината на Гренланд“.
Европските лидери застанаа во одбрана на Гренланд
Како реакција на овие изјави, лидерите на Франција, Германија, Италија, Полска, Шпанија, Обединетото Кралство и Данска издадоа заедничко соопштение во кое ја бранеа сувереноста на Гренланд.
„Гренланд им припаѓа на неговите жители. Само Данска и Гренланд имаат право да одлучуваат за прашањата што ги засегаат“, се наведува во соопштението, кое подоцна доби поддршка и од холандскиот премиер.
Данската премиерка Мете Фредериксен предупреди дека евентуално преземање на Гренланд од страна на САД би значело крај на военото сојузништво во рамки на НАТО.
Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, изјави дека реториката од Вашингтон е „целосно неприфатлива“, повикувајќи Трамп да ги напушти, како што рече, „фантазиите за анексија“.
