Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сериозно размислува за повлекување на САД од НАТО, отворајќи нова криза околу иднината на западниот безбедносен сојуз во момент на длабоки тензии меѓу Вашингтон и европските сојузници.
Во интервју за британскиот Telegraph, Трамп порача дека Алијансата денес е „непрепознатлива“ и директно го доведе во прашање нејзиниот капацитет и смисла. „НАТО никогаш не ме убеди. Отсекогаш знаев дека се хартиен тигар, а тоа го знае и Путин“, изјави Трамп, додавајќи дека сериозно ја разгледува можноста САД да излезат од Алијансата.
Неговата изјава доаѓа по новите американски критики кон европските партнери, кои според Трамп не дале доволна поддршка во конфликтот со Иран и во обезбедувањето на пловидбата низ Ормускиот Теснец. Трамп веќе неколку дена ја доведува во прашање и обврската на САД кон членот 5 од НАТО, односно принципот дека напад врз една членка е напад врз сите.
Трамп во интервјуто порача и дека САД им помагале на други земји, вклучително и на Украина, иако, како што рече, тоа „не бил нивен проблем“. Со тоа дополнително ја засили пораката дека Вашингтон не сака повеќе безусловно да ја носи главната тежина во безбедносните и воените кризи.
Дополнителна загриженост предизвика и ставот на американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, кој одби јасно да ја потврди американската посветеност на колективната одбрана, велејќи дека тоа е прашање за претседателот. Таквите пораки се толкуваат како уште еден сигнал дека Вашингтон сè поотворено го преиспитува односот кон Алијансата.
Трамп и претходно се закануваше со дистанцирање од НАТО, но новата изјава е најдиректна досега и доаѓа во особено чувствителен момент за европската безбедност. Формално, САД не можат едноставно со една изјава да излезат од НАТО, но самото отворање на таква можност веќе создава политички потрес во односите меѓу Америка и Европа.