Соединетите Американски Држави ја презеле нафтата која се наоѓаше на танкерите поврзани со Венецуела што неодамна беа запленети од американските сили, и таа нафта ќе се преработува во американски рафинерии, изјави денеска претседателот Доналд Трамп за New York Post.
„Да го кажеме вака – тие (Венецуела) немаат нафта. Ние ја земаме нафтата“, рече Трамп, истакнувајќи дека нафтата се рафинира на различни места, вклучително и во Хјустон.
Американската војска соопшти дека седум танкери поврзани со Венецуела биле запленети во рамки на кампањата за контрола на извозот на венецуелска нафта.
Оваа стратегија е дел од пошироката политика на администрацијата на Трамп за да се намали влијанието на поранешниот венецуелски претседател Николас Мадуро и да се преземат долгорочни контроли врз производството, рафинирањето и дистрибуцијата на венецуелските енергетски ресурси.
Трамп исто така изјавил дека САД веќе имаат преземено околу 50 милиони барели нафта од Венецуела, кои планираат да ги продаваат на светскиот пазар.
Запленувањето на танкерите е извршено како дел од таканаречената операција „Southern Spear“ – американска поморска блокада против бродови под санкции што превезуваат венецуелска нафта во Карипското Море и околу него.
