Американскиот претседател Доналд Трамп во средата потпиша „Претседателски меморандум“ со кој им наложува на федералните агенции да се повлечат од вкупно 66 меѓународни организации за кои администрацијата оценува дека повеќе не ги застапуваат интересите на Соединетите Американски Држави.
Според соопштението објавено од Белата куќа, меморандумот бара сите извршни оддели и агенции да престанат со учество и финансирање на 35 организации што не се дел од системот на Обединетите нации, како и на 31 тело на ОН, за кои се тврди дека дејствуваат спротивно на националните интереси, безбедноста, економскиот просперитет или суверенитетот на САД.
Во образложението се наведува дека одлуката следи по „сеопфатен преглед на сите меѓународни меѓувладини организации“, нареден претходно оваа година. Според Белата куќа, повлекувањето има за цел да се стави крај на финансирањето и учеството на американските даночни обврзници во субјекти кои, како што се наведува, „промовираат глобалистички агенди на сметка на приоритетите на САД“.
Според достапните информации, меѓу 31 тело поврзано со Обединетите нации од кои САД се повлекуваат се наоѓаат клучни меѓународни институции како UN Framework Convention on Climate Change, централната рамка за глобални климатски преговори, UN Women, водечкото тело за родова еднаквост, како и канцелариите на специјалните претставници на генералниот секретар на ОН за децата во вооружени конфликти и за сексуалното насилство во конфликти. На листата се и UN Population Fund, International Union for Conservation of Nature, UN Conference on Trade and Development, UN-Habitat, како и Постојаниот форум за лица со африканско потекло.
Дополнително, повлекувањето ги опфаќа и 35 други меѓународни тела, меѓу кои Intergovernmental Panel on Climate Change, најрелевантното светско тело за климатска наука, International Renewable Energy Agency, International Solar Alliance, Venice Commission, како и повеќе безбедносни и развојни иницијативи, вклучително и Science and Technology Center in Ukraine, што, според аналитичарите, може да има долгорочни последици врз глобалната соработка во областите на климата, безбедноста и човековите права.
Набргу по објавувањето, страницата со информациите за меморандумот беше избришана од официјалната веб-страница на Белата куќа, без дополнително појаснување за причините за ваквиот потег.
