Трамп: САД мора да го имаат Гренланд, ЕУ го повлекува првиот потег

Трамп повторно тврди дека САД мора да го имаат Гренланд, а ЕУ најавува прв чекор што може да ги заостри односите со Вашингтон.

Американскиот претседател Доналд Трамп објави серија пораки на својата социјална мрежа Truth Social, во кои повторно инсистира дека Соединетите Американски Држави „мора да го имаат Гренланд“. Се очекува Трамп денес да се појави на Светскиот економски форум во Давос, каде што би можел да разговара за ова прашање со европските лидери.

Во објавите, Трамп жестоко ги нападна и Британците поради нивната одлука островот Диего Гарсија да му го предадат на Маурициус, оценувајќи ја како „голем идиотизам“. Според него, тоа е „уште една причина“ зошто САД треба да преземат контрола врз Гренланд.

Трамп исто така јавно ја сподели пораката што ја добил од францускиот претседател Емануел Макрон, во која се предлага состанок на лидерите на Г7 за време на самитот во Давос. Во исто време, Трамп се закани дека ќе воведе царини од 200 отсто на француски шампањ и вина, доколку е точно дека Макрон одбива да се приклучи на неговиот таканаречен „Одбор за мир“.

Францускиот претседател, пак, испрати порака до жителите на Гренланд, нагласувајќи дека Франција и Европа стојат покрај нив. Од Брисел пристигнуваат информации дека Европскиот парламент утре би можел да направи прв чекор и да го суспендира трговскиот договор со САД, што би претставувало сериозна ескалација на тензиите.

Во меѓувреме, од Кина порачаа дека светот „не смее да се врати на законот на џунглата“, додека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оцени дека „време е Европа да изгради нова, поавтономна иднина“.

Маурициус ја оцени промената на ставот на Трамп како „скандалозна и шокантна“, а британската влада објасни дека договорот за архипелагот Чагос бил прифатен затоа што функционирањето на тамошната воена база било доведено во прашање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни