Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека САД привремено ќе „управуваат“ со Венецуела по апсењето на претседателот Николас Мадуро, сè додека, како што рече, не се овозможи „безбедна, соодветна и разумна транзиција на власта“.
На прес-конференција одржана на неговиот имот Мар-а-Лаго во Флорида, Трамп ја пофали американската војска и, како што ја нарече, „вонредната операција“ спроведена во саботата во венецуелската престолнина Каракас, под кодно име „Absolute Resolve“.
„Не сакаме повторно да се најдеме во ситуација каде ќе дојде некој друг, а ќе ја имаме истата криза како во изминатите години. Затоа, ние ќе управуваме со земјата додека не дојде момент за безбедна транзиција“, изјави Трамп, додавајќи дека „венецуелскиот народ повторно е слободен“.
Американскиот претседател упати и директно предупредување до воениот и политичкиот врв во Венецуела, наведувајќи дека истото што му се случило на Мадуро може да им се случи и ним.
„Подготвени сме да изведеме втора, многу поголема операција доколку биде потребно“, рече Трамп.
Говорејќи за апсењето на Мадуро, Трамп изјави дека американските сили се соочиле со „силно утврден воен комплекс“ за време на операцијата во Каракас. Тој потврди и дека САД ја исклучиле електричната енергија во главниот град на Венецуела, користејќи, како што рече, „специфична експертиза со која располагаме“.
„Ниту една држава во светот не би можела да го постигне она што Америка го постигна вчера. За многу кратко време, сите венецуелски воени капацитети беа неутрализирани, а нашите вооружени сили, во координација со безбедносните служби, успешно го уапсија Мадуро во текот на ноќта“, изјави Трамп.
Според неговите зборови, САД не претрпеле никакви човечки загуби ниту загуби на опрема за време на операцијата. Мадуро и неговата сопруга, како што додаде, ќе се соочат со „американската правда“, а против него се очекува подигнување обвиненија во Њујорк.