Трамп најавува проширување на борбата против нарко-картелите и нови глобални безбедносни потези

Американскиот претседател зборува за операции против картелите, Украина, Венецуела, внатрешни истраги за измами и поддршка за Виктор Орбан

Претседателот на САД Доналд Трамп најави значително проширување на американските операции против нарко-картелите, со можност тие да се прошират и на територијата на Мексико. Во интервју за Fox News, Трамп изјави дека досегашните операции по море биле исклучително успешни, но дека фокусот сега се префрла и на копнените рути.

„Уништивме 97 проценти од дрогата што пристигнуваше по воден пат. Сега ќе почнеме да го напаѓаме копното. Картелите практично управуваат со Мексико, што е трагично“, изјави Трамп, тврдејќи дека дрогата годишно предизвикува смрт на стотици илјади луѓе во САД.

Тој ја пофали и американската војска за неодамнешните операции во Венецуела, оценувајќи ги како речиси „совршено изведени“, со минимални загуби. Според него, операцијата во Каракас била внимателно испланирана од највисоки воени структури. Во тој контекст, Трамп повторно го критикуваше режимот на Николас Мадуро, кој беше уапсен во рамки на американската интервенција.

Паралелно со надворешните безбедносни најави, Трамп соопшти дека неговата администрација формира ново одделение во Министерството за правда, чија цел ќе биде борба против измами, вклучително и злоупотреби на федерални програми, непрофитни организации и индивидуални граѓани. Според Белата куќа, новото одделение ќе има истражна и обвинителска надлежност, а ќе биде координирано од помошник на јавниот обвинител.

Овој потег доаѓа по одлуката на администрацијата да замрзне повеќе од 10 милијарди долари федерални средства за социјални програми во неколку американски сојузни држави, поради сомнежи за измами. Критичарите, пак, тврдат дека ваквите мерки се користат како политички инструмент против имигранти и политички противници.

На меѓународен план, Трамп испрати порака со поддршка до унгарскиот премиер Виктор Орбан, на кого му посака „многу среќа“ во претстојната предизборна кампања. Во писмото, Трамп го пофалил Орбан за неговото лидерство и доследност во застапувањето на традиционалните вредности, семејството и суверенитетот.

Во однос на војната во Украина, американскиот претседател изрази уверување дека Русија нема повторно да ја нападне земјата по евентуален мировен договор. Тој изјави дека е подготвен да ја поддржи идната безбедност на Украина како дел од таков договор, нагласувајќи дека верува оти и Владимир Путин и Володимир Зеленски во моментов се подготвени за компромис.

„Имало моменти кога Путин бил подготвен, а Зеленски не сакал договор – и обратно. Мислам дека сега и двајцата сакаат мир, но ќе видиме“, изјави Трамп.

Дополнително, Трамп најави и посета на Вашингтон од страна на лидерка на венецуелската опозиција Марија Корина Мачадо, која следната недела се очекува да пристигне во САД. Тој изрази подготвеност за средба со неа по неодамнешните настани во Венецуела и апсењето на Мадуро.

Со овие најави, Трамп јасно сигнализира дека неговата администрација ќе продолжи да биде фокусиран кон безбедносните, геополитичките и внатрешнополитичките прашања, комбинирајќи воени, правосудни и дипломатски инструменти во обид да ја зацврсти американската позиција на глобалната сцена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни