Апсењето на Ендру Маунтбатен-Виндзор одекна и во Вашингтон. Американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека приведувањето претставува „срам“ и е „многу лошо за кралското семејство“.
Изјавата доаѓа по приведувањето на поранешниот принц под сомнение за злоупотреба на јавна функција, поврзана со неговите контакти со финансиерот Џефри Епстин. По 12-часовно сослушување, Ендру беше пуштен, а истрагата продолжува.
Трамп зборуваше пред новинари додека патуваше кон настан во сојузната држава Џорџија. Притоа го пофали британскиот крал Чарлс Трети.
„Мислам дека е многу тажно. Мислам дека е многу лошо за кралското семејство. Да се види што се случува со неговиот брат, кој очигледно многу скоро ќе дојде во нашата земја, е многу тажно. Кралот е фантастичен човек“, изјави Трамп.
Засега нема официјална потврда од британска страна за евентуална посета на Ендру во САД.
Приведувањето се случи на неговиот 66-ти роденден и претставува редок преседан во модерната историја на британската монархија. Станува збор за прв висок член на кралското семејство кој бил уапсен во современи услови.
Обвиненијата се однесуваат на наводно споделување чувствителни информации во периодот кога Ендру бил британски трговски претставник. Тој ги негира сите обвинувања поврзани со Епстин.
Случајот дополнително ја продлабочува кризата околу британската монархија, која веќе неколку години се соочува со серија скандали и институционални предизвици.