Трамп: Можеби ќе има пријателско преземање на Куба

Доналд Трамп изјави дека САД можеби ќе имаат „пријателско преземање“ на Куба, додека економската криза и тензиите меѓу Вашингтон и Хавана се продлабочуваат.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека постои можност за, како што рече, „пријателско преземање“ на Куба, јавува Ројтерс. Тој им рече на новинарите во Белата куќа дека државниот секретар Марко Рубио работи на ова прашање „на многу високо ниво“.

„Кубанската влада разговара со нас и се во големи проблеми. Немаат пари. Немаат ништо во моментов“, изјави Трамп пред заминување за Тексас. „Можеби ќе имаме пријателско преземање на Куба“, додаде тој.

Куба во длабока економска криза

Кубанската економија е во сериозен пад уште од пандемијата, а ситуацијата дополнително се влоши по промените во Венецуела, која беше еден од главните сојузници и снабдувачи со нафта на островот. Прекинот на испораките на сурова нафта ја продлабочи кризата во комунистичката држава.

Американското ембарго кон Куба е дополнително заострено. Трамп се закани со царини за секоја земја што ќе испраќа нафта на островот. Иако традиционалните сојузници како Русија, Кина, Мексико и Иран не интервенираа значително, американското Министерство за финансии најави делумно олеснување за ограничен број нафтени пратки за комерцијални и хуманитарни цели.

Растечки тензии меѓу Вашингтон и Хавана

Во меѓувреме, тензиите се зголемија по инцидент во кој кубанската крајбрежна стража усмрти четири лица во глисер регистриран во САД. Според кубанските власти, станувало збор за кубански државјани со престој во САД. Вашингтон соопшти дека случајот е под истрага.

Кубанскиот економист Рикардо Торес оценува дека „старите правила повеќе не важат“ и дека Трамп ја менува стратегијата кон островот. Според некои аналитичари, засилениот притисок има цел дополнително да ја ослаби економската и политичката стабилност на Куба.

Трамп порача дека „Куба е подготвена за пад“, но останува неизвесно дали ваквата стратегија ќе доведе до политички промени или властите во Хавана ќе најдат начин да опстанат, како и во претходните кризи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни