Трамп повторно ја одложи забраната за TikTok

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја одложи забраната за популарната кинеска социјална мрежа TikTok во САД, потпишувајќи нова извршна наредба со која се продолжува рокот за уште 90 дена.

Целта на ова одложување е администрацијата да добие повеќе време за постигнување договор со кој платформата би преминала во американска сопственост, поради сомнежи дека TikTok е поврзан со кинеските власти кои можат да пристапат до податоци на корисници или да манипулираат со алгоритмот, шират дезинформации и влијаат врз јавното мислење.

Ова е трето одложување на забраната од страна на Трамп. Првото беше во јануари, кога TikTok кратко време престана да работи, откако забраната беше изгласана од Конгресот и поддржана од Врховниот суд. Второто следуваше во април, кога се воделе преговори за пренесување на TikTok во американска сопственост, но тие пропаднале откако Трамп значително ги зголемил царините кон Кина.

Во моментов не е јасно колку пати Трамп ќе продолжи да ја одложува забраната, бидејќи нема цврсти правни основи за тоа, но досега ниту една одлука не е правно оспорена.

Иако TikTok беше под лупа како потенцијален безбедносен ризик, Трамп има околу 15 милиони следбеници на платформата и самиот призна дека таа му помогнала да добие поддршка кај младите гласачи. Во јануари дури изјави дека „има топли чувства кон TikTok“.

Во меѓувреме, TikTok и понатаму функционира во САД со 170 милиони корисници, а технолошки компании како Apple, Google и Oracle продолжуваат да ја поддржуваат апликацијата, со уверување од Министерството за правда дека нема да има санкции против нив.

Американската јавност е длабоко поделена околу TikTok: според анкета на Pew Research, една третина поддржува забрана, една третина е против, а останатите немаат став.

Сенаторот Марк Ворнер од Демократската партија изјави дека администрацијата на Трамп ги игнорира сопствените безбедносни извештаи и го крши законот, дозволувајќи TikTok да остане под контрола на Кина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни