Трамп повторно ја отвори темата за Гренланд: „Го сакаме, НАТО не ни го дава“

Доналд Трамп жестоко ги критикува НАТО-сојузниците поради недостиг на поддршка во војната со Иран и ја отвора контроверзата околу Гренланд.

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно остро ги нападна сојузниците во НАТО, обвинувајќи ги дека не ѝ помогнале на САД во војната против Иран, и истовремено ја оживеа контроверзата околу Гренланд во пресрет на посетата на генералниот секретар на Алијансата во Вашингтон.

„Ако сакате да ја знаете вистината, сè започна со Гренланд. Ние го сакаме Гренланд, а тие не сакаат да ни го дадат. И јас им реков: ‘Довидување’“, изјави Трамп, алудирајќи на неговата претходна идеја за преземање на овој арктички остров, кој е под суверенитет на Данска, членка на НАТО.

Тој повторно се закани со можноста САД да се повлечат од Алијансата, нагласувајќи дека партнерите не покажале доволна поддршка во актуелниот конфликт на Блискиот Исток.

„НАТО е тигар од хартија“, рече Трамп, додавајќи дека рускиот претседател Владимир Путин „воопшто не се плаши од НАТО, туку се плаши од нас и тоа многу“. Според него, европските сојузници „направиле сè што можеле за да не помогнат“, па дури и не дозволиле користење на нивните писти.

Во меѓувреме, се очекува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оваа недела да пристигне во Вашингтон, каде ќе има средба со Трамп, како и со државниот секретар Марко Рубио и министерот за одбрана Пит Хегсет. Трамп за Руте изјави дека е „одличен човек“, иако односите меѓу САД и европските сојузници се веќе подолго време затегнати.

Руте, според аналитичарите, со месеци се обидува да одржи рамнотежа меѓу критиките на Трамп кон европските партнери кои американскиот претседател ги нарекува „кукавици“ и потребата да ја зачува кохезијата на Алијансата без дополнително да го провоцира Вашингтон.

Трамп не ги поштеди ниту сојузниците во Азија. Тој ги обвини Јужна Кореја, Јапонија и Австралија дека остануваат на страна во време кога САД се ангажирани во воен конфликт.

„Имаме 45.000 војници во Јужна Кореја за да ги заштитиме од Ким Џонг-ун, со кого имам многу добри односи. Тој кажа многу убави работи за мене“, рече Трамп, додавајќи дека ситуацијата во Северна Кореја „се движи многу добро“.

Со ваквите изјави, Трамп дополнително ги заострува односите со традиционалните сојузници, отворајќи прашања за иднината на НАТО, но и за пошироката геополитичка стабилност во време на зголемени тензии на глобално ниво.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни