Американскиот претседател Доналд Трамп денес повика на апсење на градоначалникот на Чикаго, Брендон Џонсон, и гувернерот на Илиноис, Џ.Б. Прицкер, обвинувајќи ги двајцата демократи дека не ги заштитиле федералните службеници на Службата за имиграција и царина (ICE).
„Градоначалникот на Чикаго треба да биде во затвор затоа што не ги заштитил службениците на ICE! Гувернерот Прикер исто така!“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.
Американскиот лидер минатата недела одобри испраќање трупи на Националната гарда во Чикаго, третиот по големина град во земјата, и покрај противењето на локалните и државните претставници.
Припадници на Националната гарда на Тексас пристигнаа синоќа во Центарот за обука на резервистите на американската армија во Елвуд, југозападно од Чикаго, каде што ќе поминат обука пред да бидат распоредени да ги штитат федералните објекти и службениците на Службата за имиграција и царина.
Трамп и претходно испраќаше одреди на Националната гарда и во други големи американски градови како Лос Анџелес, Вашингтон, Балтимор, што наиде на негодување од страна на демократската јавност.