Американскиот претседател Доналд Трамп во писмо до норвешкиот премиер Јонас Гар Стере порача дека „повеќе не се чувствува обврзан да размислува исклучиво за мир“, откако Норвешки Нобелов комитет не му ја додели Нобеловата награда за мир. Информацијата ја пренесе Ројтерс.
Во писмото, Трамп повторно го покренал барањето Соединетите Американски Држави да го преземат Гренланд, поврзувајќи ја темата со сопствениот ангажман во рамки на НАТО. „Направив повеќе за НАТО од која било друга личност од неговото основање, а сега НАТО треба да направи нешто за САД“, напишал Трамп, додавајќи дека иако мирот и понатаму останува „доминантен“, тој сега ќе размислува и за тоа „што е добро и соодветно за Соединетите Американски Држави“.
Американскиот претседател тврди дека не добил признание и покрај тоа што, според него, „запрел повеќе од осум војни“, што, како што наведува, го ослободува од обврската да делува исклучиво низ призма на мирољубива политика. Во истиот контекст, Трамп изнел и спорна интерпретација за суверенитетот над Гренланд, тврдејќи дека Данска го поседува островот само затоа што „еден брод таму пристанал пред триста години“ и дека не постојат јасни документи што го потврдуваат тоа право. Тој исто така оцени дека Данска не е во состојба да го заштити Гренланд од потенцијални закани од Русија и Кина.
Норвешкиот премиер Стере претходно јавно изјави дека повеќепати му појаснил на Трамп оти норвешката влада не одлучува за доделувањето на Нобеловата награда за мир, бидејќи таа надлежност му припаѓа исклучиво на Нобеловиот комитет.
Во меѓувреме, Нобелова фондација повторно реагираше, нагласувајќи дека Нобеловата награда не може да се пренесе или „подарува“, ниту симболично. Фондацијата потсети дека тестаментот на Алфред Нобел јасно утврдува кому и под кои услови му се доделуваат наградите и дека тие се лични, неделиви и непреносливи.
Изјавите на Трамп доаѓаат во момент на засилени тензии меѓу САД и дел од европските сојузници, откако американскиот претседател повторно најави царини кон европски земји кои се спротивставуваат на идејата за анексија на Гренланд и ја критикуваше европската воена активност на Арктикот, оценувајќи ја како „опасна игра“.