Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес потпиша договор со премиерот на Малезија, со кој на САД им се обезбедува пристап до ретките минерали на таа азиска земја. Кина, која моментално има речиси монопол на овие минерали, неодамна воведе ограничувања за извозот на материјалите, кои се сметаат за клучни за современата индустрија.
Трговскиот договор го потпишаа Доналд Трамп и премиерот на Малезија, Анвар Ибрахим, во главниот град на Малезија, Куала Лумпур, каде американскиот претседател учествува на самитот на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (ASEAN).
„Малезија се обврза да гарантира дека нема да има ограничувања за продажбата на ретки минерали на американските компании“, се наведува во заедничкото соопштение на Белата куќа и Куала Лумпур.
Куала Лумпур во договорот ветува дека ќе се воздржи од забрани или воведување квоти за извоз на критични минерали кон САД. Вашингтон, од своја страна, се согласи на воведување царина од 19% на малезиски производи.
Малезија исто така се обврза да го забрза развојот на секторот за критични минерали и партнерството со американските компании, конкретно преку продолжување на дозволите за експлоатација за забрзување на производните капацитети.
Во 2023 година, Малезија соопшти дека располага со околу 16,2 милиони тони неискористени резерви на ретки минерали.
Националниот мораториум за извоз на ретки минерали стапи на сила во јануари 2024 година со цел да се поттикне преработката на домашното пазариште.
„Живееме во свет каде поседувањето критични минерали е неопходно за нашето производство, технологијата и економијата“, рече американскиот претставник за трговија Џејмсон Грир при потпишувањето на договорот.
„Клучно е да соработуваме како доброволни партнери за да се обезбеди протокот во нашите синџири на снабдување“, додаде тој.
Пекинг на почетокот на октомври најави нови ограничувања за извоз на технологии поврзани со ретки минерали, што ја зголеми трговската тензија со Вашингтон, која се зголеми уште повеќе со враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа.
Трамп денес исто така најави необврзувачки меморандум за разбирање со Тајланд, кој предвидува мерки за зајакнување на соработката во трговијата со ретки минерали.
Се очекува Трамп да се сретне со претседателот на Кина во четврток во Сеул.
