Белата куќа разгледува план за казнување на членките на НАТО за кои претседателот Доналд Трамп смета дека не ѝ дале доволна поддршка на САД и на Израел за време на војната со Иран, објави Волстрит џурнал, повикувајќи се на извори од администрацијата.
Предлогот предвидува преместување на американски трупи од земји кои не придонеле доволно во воените напори кон оние кои покажале поголема поддршка. Планот, кој во последните недели добил поддршка меѓу високи функционери, сè уште е во рана фаза, но претставува еден од начините на кои Белата куќа сака да изврши притисок врз Алијансата.
Сепак, овој пристап е значително поблаг од претходните закани на Трамп за целосно повлекување на САД од НАТО, чекор за кој нема законска можност без одобрение од Конгресот.
Средба со генералниот секретар на НАТО
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, пристигна во Вашингтон на средба со Трамп, во обид да ги зацврсти односите и покрај растечките тензии. Руте бил меѓу оние кои се обиделе да го одвратат Трамп од идејата за преземање на Гренланд.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, изјави дека е „жалосно што НАТО во последните шест недели му го свртел грбот на американскиот народ“, додавајќи дека Трамп ќе води „отворен и искрен разговор“ со Руте. Подоцна, Трамп на социјалната мрежа Truth Social напиша: „НАТО не беше таму кога ни требаше и нема да биде ако повторно ни затреба“.
Прераспределба на воените сили
САД имаат околу 84.000 војници распоредени во Европа, бројка што варира во зависност од ротациите и воените вежби. Американските бази претставуваат клучни логистички центри и средство за одвраќање на Русија, особено во источна Европа. Според најавите, можно е затворање на американски бази во некои земји, како Шпанија или Германија. Од друга страна, земји како Полска, Романија, Литванија и Грција би можеле да профитираат од ваквиот потег поради нивната поддршка.
Шпанија, на пример, одбила да дозволи користење на својот воздушен простор за операции во Иран, додека Италија и Франција вовеле ограничувања за користење на американските бази.
Продлабочување на недовербата
Трамп неодамна изјави дека е „многу разочаран“ од НАТО, оценувајќи дека неподготвеноста на сојузниците да ја поддржат Америка е „дамка што нема да исчезне“. Европските претставници, пак, возвраќаат дека не биле однапред консултирани за војната со Иран, што ја отежнало координацијата. Дополнително, дипломатските тензии се зголемиле и поради трговските мерки на САД, контактите со Владимир Путин и спорот со Данска околу Гренланд.
Да потсетиме, во 2020 година Трамп нареди повлекување на околу 12.000 војници од Германија, но таа одлука подоцна беше поништена од неговиот наследник, Џо Бајден, во 2021 година.