Администрацијата на Трамп планира да затвори речиси 30 амбасади и конзулати во странство, како дел од значајна промена во американското дипломатско присуство надвор од земјата, објави CNN повикувајќи се на интерен документ на Стејт департментот.
Предложените промени доаѓаат додека администрацијата на Трамп, поттикната од Одделот за ефикасност на владата (DOGE), кој е под водство на Илон Маск, прави драматични напори да ја намали федералната влада. Не е јасно дали државниот секретар Марко Рубио ги предложил затворањата на амбасадите и конзулатите.
Во документот се препорачува затворање на 10 амбасади и 17 конзулати. Списокот ги вклучува амбасадите во Луксембург, Лесото, Република Конго, Централноафриканската Република и Јужен Судан, како и на Малта. На списокот се и пет конзулати во Франција, два во Германија, два во Босна и Херцеговина, еден во Обединетото Кралство, еден во Јужна Африка и еден во Јужна Кореја.
Во случајот со БиХ станува збор за конзулатите во Мостар и Бања Лука.
Документот предлага дипломатските обврски на затворените амбасади да ги преземат испостави во соседни земји. Администрацијата на Трамп досега има номинирано амбасадори само за две амбасади кои се предложени за затворање – Малта и Луксембург.
Амбасадите и конзулатите служат како важни испостави на Стејт департментот. Тие обезбедуваат услуги како издавање визи и помош на американски граѓани во потреба. Исто така, собираат информации кои се испраќаат во Вашингтон.