Американскиот претседател Доналд Трамп упати нова остра закана кон Иран, предупредувајќи дека врз земјата ќе се „истури пекол“ ако до вторник не го отвори повторно Ормускиот Теснец, една од најважните светски рути за транспорт на нафта. Истовремено, Трамп изјави дека и покрај ескалацијата, договор со Техеран сè уште е можен.
Изјавата доаѓа во ек на продлабочениот конфликт меѓу САД, Израел и Иран, кој трае повеќе од пет недели. Според Reuters, Трамп ја поврзал заканата со рок до вторник навечер, а во меѓувреме се споменуваат и дипломатски напори за можен 45-дневен прекин на огнот што би отворил простор за поширок договор.
Ормускиот Теснец во меѓувреме останува клучна точка на глобалната криза, затоа што низ него минува значителен дел од светската нафта. Обединетите Арапски Емирати денеска порачаа дека слободното користење на теснецот мора да биде гарантирано во секој можен договор меѓу Вашингтон и Техеран.
Трамп во последните денови испраќа двојна порака: од една страна се заканува со нови удари врз иранската инфраструктура ако теснецот остане затворен, а од друга остава отворена врата за договор. Иран, пак, ги отфрла американските ултиматуми и предупредува дека ваквата реторика носи ризик од уште поголема регионална ескалација.