Поротата на судот во Менхетен, Њујорк, пресуди дека поранешниот американски претседател Доналд Трамп е виновен за сексуален напад на колумнистката и новинарка Е.Џин Керол, објави Си-Ен-Ен. Поротата го ослободи поранешниот американски претседател од обвиненијата за силување, а судот утврди дека Трамп е должен на жртвата да и плати отштета од пет милиони долари.
Доналд Трамп сексуално ја нападнал Е Џин Керол, а потоа ја клеветел нарекувајќи ја лажга, одлучи поротата. Деветчлената порота во Федералниот суд на Менхетен ги отфрли негирањата на Трамп дека ја нападнал Керол и пресуди во нејзина полза.
Трамп не присуствуваше на судењето, но беше прикажано негово видео сведочење во кое тој ги негираше обвиненијата. За да го прогласи за одговорен, поротата од шест мажи и три жени мораше да донесе едногласна пресуда. Одлучувањето траеше нешто помалку од три часа.
Трамп беше осуден во судски процес кој беше граѓанска тужба, а не кривично гонење, поради што единствената санкција со која ќе се соочи е финансиската.
Керол го обвини Трамп дека ја силувал пред 27 години, во пролетта 1996 година, во соблекувална во стоковна куќа во Њујорк. Тој ги негираше обвинувањата, наведувајќи дека таа не е негов тип на жена и дека направила се за да ја зголеми продажбата на нејзината книга.
Извор: CNN