Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот повторно упати критики кон Обединетите нации, изјавувајќи дека оваа меѓународна организација никогаш не успеала целосно да го искористи својот потенцијал.
„Обединетите нации едноставно не беа од голема корист“, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа. „Јас сум голем поддржувач на потенцијалот што го имаат ОН, но тој потенцијал никогаш не беше реализиран.“
На прашањето дали планира да ги замени Обединетите нации со Мировниот одбор што го иницираше како дел од примирјето посредувано од САД меѓу Израел и палестинската милитантна организација Хамас, Трамп одговори дека ОН треба да продолжат да постојат.
„Верувам дека треба да им се дозволи на Обединетите нации да продолжат со својата работа, бидејќи нивниот потенцијал е огромен“, рече тој.
Сепак, Трамп додаде дека Обединетите нации требало да ги решат конфликтите што, според него, неговата администрација успеала да ги оконча.
„Требаше да ги решат сите тие војни. Јас никогаш не отидов кај нив, ниту пак размислував да одам. Тие би требало да бидат способни да ги решат тие конфликти, но не го прават тоа“, истакна американскиот претседател.
Републиканскиот лидер во повеќе наврати тврди дека неговата администрација завршила осум војни во првата година од неговиот втор претседателски мандат и дека за тоа заслужува Нобелова награда за мир.
Мировниот одбор првично беше формиран како дел од американски посредуваниот мировен план за Појасот Газа, а неговата задача е да ја надгледува преодната влада во регионот.
Дипломати кои имале увид во нацрт-повелбата на одборот изјавиле за германската агенција ДПА дека станува збор за отворен предизвик кон Обединетите нации, кои Трамп во повеќе наврати ги има оценето како нефункционални.
Во моментов постојат индикации дека Соединетите Американски Држави планираат значително да го прошират мандатот на Мировниот одбор од Газа кон глобално промовирање на стабилноста и решавање конфликти низ целиот свет.
Според нацрт-документот, со Советот на одборот ќе претседава лично Доналд Трамп, а членови ќе можат да бидат исклучиво шефови на држави и премиери кои тој лично ќе ги покани.
