Оценката доаѓа по дводневните разговори во Берлин меѓу претставници на Европа, Украина и Соединетите Американски Држави. Американскиот претседател Доналд Трамп на разговорите беше претставуван од неговиот специјален пратеник Стив Виткоф и зетот Џаред Кушнер.
Според американски официјален претставник, Трамп планирал да се вклучи телефонски на вечера со европските лидери подоцна во понеделникот, за да се разговара за развојот на договорот. Во текот на денот, тој двапати разговарал со Виткоф и Кушнер.
„Би рекол дека е навистина задоволен од тоа каде се наоѓаме денес“, изјави еден од официјалните лица.
Според нивните проценки, околу 90 проценти од прашањата меѓу Русија и Украина веќе се решени, а како главна преостаната точка на несогласување се посочуваат територијалните отстапки. Американската страна понудила, како што беше наведено, „провокативни и креативни“ идеи за надминување на ќор-сокакот, меѓу кои и развој на „економска слободна зона“.
За време на разговорите, биле прецизирани и безбедносни гаранции по моделот на член 5 од НАТО, кои би вклучувале механизми за одвраќање од понатамошна руска агресија, спречување инциденти и надзор на евентуалниот мировен договор. Американските претставници, сепак, одбија да навлезат во детали за улогата на САД, нагласувајќи дека таа не би вклучувала распоредување американски војници на терен.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во неделата дека Киев направил компромис прифаќајќи безбедносни гаранции наместо членство во НАТО. Пакетот гаранции, според американските претставници, јасно би ги дефинирал и последиците за Русија доколку го прекрши договорот.
„Ова е најсилниот сет на безбедносни протоколи што досега го виделе. Станува збор за исклучително силен пакет“, изјави еден од официјалните извори.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц оцени дека „она што САД го понудија во однос на материјални и правни гаранции е навистина значајно“.
Според втор американски претставник, Трамп е подготвен безбедносните гаранции поддржани од САД да ги изнесе и пред Конгресот, опишувајќи ги како „платинест стандард“ на она што Вашингтон може да ѝ го понуди на Украина. Тој, исто така, верува дека Москва може да се согласи со ваквите гаранции, а официјалните лица наведуваат дека Русија покажала отвореност кон членството на Украина во Европската унија како дел од евентуален мировен договор.
Сепак, американските претставници јасно порачаа дека понудата не е неограничена. „Европејците изразија голема благодарност за подготвеноста на претседателот Трамп да се ангажира и да понуди вакви гаранции. Но тие гаранции нема да бидат на маса засекогаш, тие се на маса сега“, изјави еден од нив.
На разговорите била отворена и темата за обновата на Украина, при што тим од инвестициската компанија „БлекРок“ разговарал со украински претставници за финансиска поддршка, како и прашањето за иднината на нуклеарната централа Запорожје, кое сè уште останува нерешено.
Американските официјални лица не најавија скоро презентирање на договорот пред рускиот претседател Владимир Путин, нагласувајќи дека решавањето на последните прашања, особено територијалните, ќе зависи од директен договор меѓу Москва и Киев. Тие додадоа дека Виткоф и Кушнер се подготвени да отпатуваат во Русија доколку биде потребно за продолжување на разговорите.
Извор: CNN
