Трамп најави нови тарифи, ЕУ порача: „Договор си е договор“

Европската комисија бара САД да се придржуваат до ланскиот трговски договор по одлуката на Врховниот суд

Европската комисија побара Соединетите Американски Држави да се придржуваат до условите од трговскиот договор постигнат минатата година, откако Врховниот суд на САД ги поништи таканаречените реципрочни тарифи на претседателот Доналд Трамп, а тој најави воведување нови царини.

По судската одлука, Трамп најави привремени и сеопфатни тарифи од 10 проценти, кои еден ден подоцна ги зголеми на 15 проценти. Европската комисија, која ја води трговската политика во име на 27-те земји-членки, побара од Вашингтон да биде „апсолутно јасен“ во однос на следните чекори.

Во соопштението се наведува дека „сегашната ситуација не е погодна за постигнување фер, избалансирана и заемно корисна трансатлантска трговија и инвестиции“, како што било договорено во заедничката изјава од минатата година. Комисијата порача дека договорот мора да се почитува, наведувајќи дека „договор си е договор“.

Минатогодишниот договор предвидуваше американска царинска стапка од 15 проценти за повеќето стоки од ЕУ, со исклучоци за одредени сектори како челикот. Во рамките на истиот договор беа договорени и нулта царина за одредени производи, меѓу кои авиони и резервни делови. ЕУ тогаш се согласи да укине увозни давачки за низа американски производи и ја повлече заканата за контрамерки.

Комисијата предупреди дека непредвидливите тарифи ја поткопуваат довербата на глобалните пазари и можат да влијаат врз стабилноста на трансатлантската трговија.

Во меѓувреме, комесарот за трговија Марош Шефчовиќ разговарал за прашањето со американскиот претставник за трговија Џејмисон Грир и министерот за трговија Хауард Лутник.

Се очекуваат дополнителни појаснувања од американската администрација во однос на примената на најавените тарифи и нивната усогласеност со постојниот трговски договор меѓу САД и ЕУ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни