Претседателот на САД, Доналд Трамп, на Светскиот економски форум во Давос истакна дека САД го доживуваат „најбрзиот и најдраматичен“ економски раст во својата историја. Тој нагласи дека кога Америка цвета, целиот свет следи и дека инвестициите и приходите во земјата „експлодирале“, а инфлацијата е намалена.
„САД се економскиот мотор на светот. Кога Америка цвета, целиот свет цвета, а кога ние не успеваме, сите нè следат“, рече Трамп.
Американскиот претседател критички се осврна на состојбата во Европа, наведувајќи дека многу земји веќе „не можат да се препознаат“ поради неконтролирана имиграција и голем увоз. „Ја сакам Европа, но мислам дека оди во лоша насока“, додаде тој.
Трамп најави намалување на даноците и зголемување на царините за увоз од странски земји, наведувајќи дека тоа е начин да се поправи штетата што некои земји ја предизвикале.
Особено внимание посвети на Гренланд, предлагaјќи итен почеток на преговори за купување на територијата. Тој нагласи дека САД сакаат „силни, а не слаби сојузници“ и увери дека нема да користи сила, иако, според него, Америка би можела лесно да ја окупира територијата.
Трамп, исто така, ги пофали граѓаните на Гренланд и Данска и потсети на историските воени настани од Втората светска војна, нагласувајќи дека САД помогнале да се одбрани Гренланд.
Во својот говор, претседателот ја потенцираше улогата на САД како водечки економски и стратешки фактор во светот и ја критикуваше сегашната насока на Европа, предупредувајќи за „исчезнување на цивилизацијата“ ако ситуацијата не се корегира.
Тој исто така посочи дека, доколку неговите политички противници Камала Харис или Џозеф Бајден беа на власт, ситуацијата во Украина можеше да прерасне во Трета светска војна.
