Американскиот претседател Доналд Трамп изјави вчера дека тој и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не се целосно согласни околу прашањето за Западниот Брег, кој е под израелска окупација. Републиканскиот лидер не објасни во што точно се состои несогласувањето, но истакна дека околу Сирија „имаат разбирање“.
На прес-конференцијата по средбата на Трамп со Нетанјаху на Флорида, во неговата резиденција Мар-а-Лаго, американскиот претседател беше прашан дали има порака за Нетанјаху во врска со Западниот Брег и дали е загрижен дека насилството од страна на израелските доселеници може да го поткопа мирот.
„Ќе дојдеме до заклучок“
„Долго разговаравме, водевме голема дискусија за Западниот Брег. Не би рекол дека се согласуваме 100 отсто, но ќе дојдеме до заклучок“, им рече Трамп на новинарите.
На прашањето во што точно се состои несогласувањето, тој одговори: „Не сакам тоа да го откријам сега, ќе биде објавено во соодветно време“. Притоа додаде: „Нетанјаху ќе ја направи вистинската работа“.
Израел е под сè поголем меѓународен притисок да ги ограничи нападите на доселениците врз Палестинците на Западниот Брег. Обединетите нации, Палестинците и поголемиот дел од меѓународната заедница ги сметаат израелските населби за нелегални според меѓународното право, што Израел го оспорува, повикувајќи се на библиски врски со територијата и безбедносни причини.
Околу половина милион израелски доселеници живеат на Западниот Брег.
Минатата година, највисокиот суд на Обединетите нации оцени дека израелската окупација на палестинските територии и населените места таму е нелегална и дека треба да биде укината.
Во врска со Сирија, Нетанјаху изјави дека Израел сака да обезбеди мирна граница со оваа соседна земја.
„Наш интерес е да имаме мирна граница со Сирија“, рече израелскиот премиер.
Трамп, пак, истакна дека САД и Израел имаат „разбирање во однос на Сирија“.
„Сигурен сум дека Израел и тој (сирискиот претседател Ахмед ал-Шараа) ќе се сложуваат. Ќе се обидам да направам да се сложуваат“, порача американскиот претседател.
