Објавата на Доналд Трамп дека со НАТО е постигната „рамка на иден договор“ околу Гренланд делумно ја смири ескалацијата меѓу САД и европските сојузници, но истовремено отвори сериозни дилеми за природата и надлежностите на ваков можен аранжман.
Само неколку часа откако на Светски економски форум во Давос изјави дека нема да употреби сила за да го преземе Гренланд од Данска, Трамп дополнително изненади со тврдење дека по разговор со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, е постигната рамка за можен договор. Во исто време, американскиот претседател ја повлече и претходната закана за воведување нови царини за осум европски земји, што придонесе за деескалација на кризата која се закануваше да предизвика сериозни внатрешни тензии во Алијансата.
И покрај ова, неизвесноста останува. Руте изјави за агенцијата АФП дека средбата со Трамп била „многу добра“, но посочи дека „има уште многу работа пред нас“, без да навлегува во детали за евентуалниот договор.
Скепсата меѓу европските сојузници произлегува и од фактот што НАТО, како воено-политичка алијанса, нема мандат да преговара за суверенитет или сопственост над територија на држава. Дополнително, Трамп не појасни што точно подразбира „рамката“, наведувајќи во изјава за CNBC дека станува збор за „сложен договор“ кој ќе биде објаснет подоцна.
Доколку тензиите околу Гренланд навистина се намалат, европските лидери би можеле повторно да го насочат фокусот кон војната меѓу Русија и Украина, која влегува во својата петта година. Руте во Давос порача дека поддршката за Украина треба да остане „приоритет број еден“ за Алијансата.
