Американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување царини од 10 отсто за осум европски земји кои се противат на намерата на САД поврзана со Гренланд.
Во објава на својата социјална мрежа Truth Social, Трамп соопшти дека царините ќе стапат на сила од 1 февруари и ќе се однесуваат на Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска, пренесува Ројтерс.
Според најавата, царините од 10 отсто ќе се зголемат на 25 отсто од 1 јуни и ќе останат на сила сè додека не се постигне договор за купување на Гренланд.
Во подолгата објава, Трамп наведе дека Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Обединетото Кралство, Холандија и Финска испратиле трупи на Гренланд и отпатувале во оваа данска автономна територија „од нејасни причини“.
Тој повторно предупреди дека „Кина и Русија сакаат да го преземат Гренланд“ и додаде дека „Данска не може ништо да направи во врска со тоа“.
„Ова е исклучително опасна ситуација за безбедноста, сигурноста и опстанокот на нашата планета“, напиша Трамп.
