Трамп му се закани на Apple со царини од 25% ако не произведува телефони во САД

Американскиот претседател Доналд Трамп денес ѝ се закани на компанијата „Епл“ со царини од најмалку 25 проценти доколку не произведува мобилни телефони во САД.

„Одамна му велев на Тим Кук од „Епл“ дека очекувам „Ајфоните“ што се продаваат во САД да бидат произведени и склопени токму во САД, а не во Индија и на други места. Ако тоа не е случај, „Епл“ треба да плати царини од најмалку 25% во САД“, напиша Трамп на својата платформа за социјални медиуми „Трут Сошнал“.

Доколку оваа закана се оствари, тоа би можело значително да ја зголеми цената на iPhone, а потенцијално да влијае и врз продажбата и профитот на една од водечките американски технолошки компании, објави агенцијата АП.

„Епл“ сега им се придружува на компании како „Амазон“, „Волмарт“ и други големи американски корпорации, кои се во центарот на вниманието на Белата куќа додека таа се обидува да одговори на неизвесноста и инфлациските притисоци предизвикани од царините наметнати од Трамп.

Извршниот директор на „Епл“, Тим Кук, размислува за преместување на производството на „Ајфон“ во Индија, како дел од прилагодувањето на синџирот на снабдување во одговор на царините наметнати од администрацијата на Трамп врз Кина.

Овој план предизвика незадоволство и фрустрација кај претседателот Трамп, кој ја спомена оваа тема минатата недела за време на неговата турнеја на Блискиот Исток.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни