Одговарајќи на прашање на BBC, Трамп се осврна и на новата улога на Џеф Лендри, републикански гувернер на Луизијана, кој беше именуван за специјален пратеник за Гренланд. Тој нагласи дека Вашингтон „ќе мора да го реши тоа прашање“ и додаде дека на САД им е потребен Гренланд „поради националната безбедност, а не поради минералите“.
Со оваа изјава Трамп повторно предизвика тензии со Данска, откако го назначи Лендри за специјален претставник за огромниот арктички остров, за кој претходно изјави дека сака да го анектира.
Премиерката на Данска и премиерот на Гренланд, Мете Фредериксен и Јенс-Фредерик Нилсен, во заедничко соопштение побараа почитување на нивните граници. Ова следуваше по изјавата на Лендри дека му е „чест да служи за Гренланд да стане дел од САД“.
„Ова веќе го кажавме и сега го повторуваме. Националните граници и суверенитетот на државите се темел на меѓународното право. Не можете да анектирате други земји“, порачаа тие, пренесе весникот The Guardian.
Тие додадоа дека станува збор за „основни принципи“ и истакнаа дека Гренланд им припаѓа на Гренланѓаните, а не на САД, барајќи почитување на заедничкиот територијален интегритет.
Претходно, данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен изјави дека неговата земја инсистира сите држави, вклучително и САД, да го почитуваат територијалниот интегритет на Кралството Данска.
Реакција имаше и од Европската унија. Портпаролот на ЕУ, Ааноуар Ел Аноуни, изјави дека суверенитетот и територијалниот интегритет на Данска мора да бидат зачувани.
Трамп уште на почетокот на својот втор претседателски мандат, во јануари годинава, најави дека има намера да го преземе Гренланд, наведувајќи ја неговата стратешка позиција како клучна за безбедноста на САД. Данска, која повеќе од 300 години ја контролира оваа арктичка територија, категорично ја одби таа идеја.
Ова не е првпат САД да се обидат да го купат Гренланд. Првите такви преговори биле водени уште во 1867 година од американскиот државен секретар Вилијан Х. Сјуард, но без успех. Во 1946 година, Вашингтон понудил 100 милиони долари за островот, оценувајќи го како витално важен за националната безбедност, но и таа понуда била одбиена.
Трамп се обиде да го купи Гренланд и за време на својот прв мандат, но владите на Данска и Гренланд ја одбија понудата во 2019 година.
Извор:N1info.rs