Трамп: Мислам дека е постигнат договор и со Путин и со Зеленски

Говорејќи од Белата куќа, Трамп изјави дека соработката со украинскиот лидер била потешка отколку што очекувал, иако верува дека има напредок од двете страни.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека мисли оти има постигнато договор и со рускиот претседател Владимир Путин и со украинскиот претседател Володимир Зеленски за завршување на војната во Украина, пренесе Ројтерс.

Говорејќи од Белата куќа, Трамп изјави дека соработката со украинскиот лидер била потешка отколку што очекувал, иако верува дека има напредок од двете страни.

„Мислам дека Русија е подготвена, и многумина велат дека Русија сакаше да оди до крај. Мислам дека имаме договор со Русија. Треба да постигнеме договор и со Зеленски,“ изјави Трамп пред новинарите во Овалната соба.

Тој додаде дека мислел дека ќе биде полесно да се работи со Зеленски.

„До сега беше потешко… Но мислам дека имаме договор со двајцата. Станува збор за многу човечки животи,“ рече Трамп.

На прашање за американскиот предлог кој би вклучувал признавање на Крим како „де јуре“ територија на Русија, Трамп не даде конкретен одговор, наведувајќи дека „нема фаворити“ меѓу Украина и Русија и дека неговата цел е да се стави крај на војната.

Во исто време, Трамп го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека ги загрозува мировните преговори со Русија и, како што рече, „скоро постигнатиот мировен договор за завршување на војната“, нагласувајќи дека Украина се наоѓа во многу слаба преговарачка позиција.

На својот профил на социјалната мрежа “Truth Social“, Трамп го критикуваше Зеленски поради изјавата за Wall Street Journal, каде што рече дека „Украина никогаш нема правно да ја признае окупацијата на Крим“, оценувајќи ја таа изјава како многу штетна за преговорите.

„Крим со години е под покровителство на (поранешниот американски) претседател Барак Хусеин Обама, па дури не е ни тема за дискусија. Никој не бара од Зеленски да го признае Крим како руска територија, но ако тој го сака Крим, зошто не се бореа за него пред 11 години, кога беше предаден на Русија без испукан куршум?“, напиша Трамп.

Тој додаде дека „запаливи изјави“, какви што, според него, дава Зеленски, само го отежнуваат патот до мир.

Трамп ја оцени ситуацијата во Украина како „страшна“:

„Можат да имаат мир или да се борат уште три години, пред да ја изгубат целата земја,“ напиша тој, додавајќи дека сè уште сака да спаси „во просек пет илјади руски и украински војници неделно, кои умираат без никаква причина“.

„Изјавата на Зеленски денес нема да направи ништо освен да го продолжи ‘полето на убивање’ — а тоа никој не го сака! Многу сме блиску до договор, но човекот кој ‘нема карти да ги одигра’ треба сега да го заврши сето ова. Се радувам што ќе можам да им помогнам на Украина и Русија да излезат од овој целосен и тотален хаос, кој никогаш не би започнал доколку јас бев претседател“, заклучи Трамп.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни