Американскиот претседател Доналд Трамп во текот на својот втор мандат сè почесто ги користи сопствените луксузни ресорти и голф-клубови како места за политички средби, собирање донации и неформални разговори со сојузници и различни интересни групи, покажува нов извештај на организацијата Citizens for Responsibility and Ethics in Washington (CREW).
Според нивните податоци, избрани функционери од САД и од странство ги посетиле имотите на Трамп најмалку 145 пати од неговата инаугурација минатата година. Анализа на финансиските извештаи на политички кампањи, пренесена од Guardian, покажува дека политички организации и одбори од јануари 2025 година потрошиле најмалку 1,3 милиони долари на настани одржани на тие локации. Реалната сума, според медиумите, веројатно е значително поголема, бидејќи странските влади и приватните компании не се обврзани јавно да ги објавуваат ваквите трошоци.
Клубот Мар-а-Лаго на Флорида се издвојува како главно политичко собиралиште. Таму редовно се организираат донаторски вечери, политички настани и средби со функционери. Членарината, која во последните години порасна од околу сто илјади на еден милион долари, дополнително ја нагласува ексклузивноста на пристапот.
Меѓу најголемите потрошувачи се Републиканскиот национален комитет и организацијата Maga Inc., кои за десетици настани во 2025 година потрошиле речиси милион долари. Критичарите тврдат дека ваквата практика создава простор донаторите и интересните групи преку плаќање на приватните компании на Трамп да обезбедат политичко влијание.
Од CREW велат дека промовирањето на неговите имоти испраќа порака дека посетата на тие места може да обезбеди пристап до политичките кругови. Белата куќа ги отфрла обвинувањата за судир на интереси и посочува дека имотот формално е во trust управуван од неговите деца и дека претседателот работи во интерес на американските граѓани. За разлика од некои претходни претседатели, како Џими Картер, кој ги пренел своите бизниси во таканаречен „слеп trust“, Трамп не се откажал целосно од сопственоста над своите компании.