Председателот на САД Доналд Трамп изјави дека не се шегува кога вели дека размислува како може да дојде и до трет претседателски мандат, иако тоа е забрането според Уставот на САД.
„Постојат методи со кои тоа може да се направи“, рече Трамп во телефонско интервју за Ен-Би-Си Њуз (NBC News), но и додаде дека е „многу рано да се размислува за тоа“.
Како што оценува агенцијата АП, ова е најјасна индикација дека Трамп размислува како да ја премости уставната бариера која би го спречила да биде претседател повторно кога ќе заврши неговиот втор мандат почетокот на 2029 година.
Според 22. амандман, додаден на Уставот во 1951 година, кога претседателот Франклин Д. Рузвелт беше избран четири пати по ред, „ниедна личност не може да биде избрана на функцијата претседател повеќе од два пати“.
Новинарката го праша Трамп дали еден потенцијален пат до третиот мандат е ако потпретседателот Џеј Ди Венс се кандидира за претседател, а потоа „му ја предаде палката“ на Трамп. Трамп одговори дека „тоа е еден начин“, но дека има и други.
Новинарката го праша дали може да наведе и некој друг начин, на што Трамп одговори „не“.
Тој наговести дека Американците ќе го поддржат неговиот трет мандат поради неговата популарност и тврди, како што пишува АП, погрешно, дека има најдобри резултати во анкетите за поддршка од било кој републиканец во последните 100 години.
АП потсетува дека Трамп и порано спомнувал служење повеќе од два мандата, главно во форма на шеги пред пријателска публика.