Американскиот претседател Доналд Трамп размислува да повлече дел од американските војници од Европа, објави Ројтерс, повикувајќи се на официјален претставник запознаен со разговорите. Темата била отворена во Белата куќа во четврток, 9 април, во ек на растечките тензии меѓу Вашингтон и европските сојузници во НАТО, а како причина се посочуваат несогласувањата околу безбедноста во Ормускиот Теснец и незадоволството на Трамп од европската поддршка.
Во моментов САД имаат повеќе од 80.000 војници во Европа, од кои над 30.000 се распоредени во Германија, а значителни контингенти има и во Италија, Велика Британија и Шпанија. Засега не е познато кои земји би можеле да бидат погодени ако идејата навистина се претвори во одлука, ниту колкав би бил обемот на евентуалното повлекување.
Според Ројтерс, Трамп е незадоволен од тоа што европските сојузници не понудиле доволна поддршка околу обезбедувањето на Ормускиот Теснец, а дополнително е иритиран и од тоа што неговите планови поврзани со Гренланд не добиле поместување. Белата куќа, сепак, засега не му наложила на Пентагон да подготви конкретен план за намалување на трупите.
Темата доаѓа во период на особено остри тензии меѓу САД и НАТО. Ројтерс наведува дека Трамп со години ги обвинува европските членки дека не трошат доволно за одбрана, а во последните месеци дополнителен судир предизвикаа и неговите обновени закани поврзани со анексијата на Гренланд. Во исто време, војната со Иран и спорот околу Ормус дополнително го влошија тонот меѓу сојузниците.
НАТО генералниот секретар Марк Руте, по средбата со Трамп, изјавил дека ги разбира американските фрустрации, но и дека „големо мнозинство европски земји“ сепак ѝ помогнале на американската воена кампања против Иран. Исто така, Ројтерс додава дека Трамп барал од НАТО во рок од неколку дена да излезе со конкретни обврски за обезбедување на Ормускиот Теснец.