Трамп ја повика ЕК во „Одбор за мир“ во Газа, Израел жестоко реагира

Доналд Трамп ја повика Европската комисија да се приклучи на „Одборот за мир“ во Газа. Израел остро се спротивстави на иницијативата

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска ја повика Европската комисија (ЕК) да стане член на т.н. „Одбор за мир“ во Газа, јавува Асошиејтед прес (AP).

Портпаролот на Европската комисија, Олоф Гил, потврди дека претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, ја добила поканата и дека ќе разговара со другите лидери на ЕУ за ситуацијата во Газа.

Гил не прецизираше дали поканата е прифатена, но нагласи дека Комисијата сака да „придонесе кон сеопфатен план за ставање крај на конфликтот во Газа“.

Покани и до Русија и други светски лидери

Претходно денеска, Кремљ соопшти дека Трамп го повикал и рускиот претседател Владимир Путин да се приклучи на „Одборот за мир“ во Газа.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Путин „добил понуда преку дипломатски канали“, пренесува Блумберг, додавајќи дека Русија ќе стапи во контакт со американската страна за да ги разјасни деталите од предлогот.

Што е „Одборот за мир“?

„Одборот за мир“ е замислен како надзорно тело за Газа, со кое би претседавал лично Доналд Трамп. Според нацрт-повелбата, која сè уште не е формално усвоена, Трамп би бил доживотен претседател на Одборот, наведува Ројтерс.

Одборот главно би се состоел од шефови на држави од целиот свет. Неговата работа би започнала со решавање на конфликтот во Газа, а подоцна би се проширила и на други глобални конфликти.

Мандатот на државите-членки би бил ограничен на три години, освен ако не уплатат по една милијарда долари за финансирање на активностите на Одборот, со што би добиле постојано членство, наведува Ројтерс.

Трамп упатил покани и до лидерите на Австралија, Белорусија, Казахстан, Бразил, Канада, Турција, Аргентина, како и до други држави.

Остри реакции од Израел

Израелскиот крајно десничарски министер за финансии Безалел Смотрич денеска повика на распуштање на „Одборот за мир“, јавува AP.

„Време е на претседателот да му се објасни дека неговиот план е лош за државата Израел и дека треба да се откаже. Газа е наша, а нејзината иднина ќе влијае на нашата иднина повеќе отколку на која било друга“, изјави Смотрич.

Тој предложи Израел да ја обнови целосната офанзива во Газа со цел уништување на милитантното движење Хамас, доколку тоа не прифати „ултиматум за целосно разоружување и егзил“.

Во саботата, канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека формирањето на Одборот не било координирано со израелската влада и дека е „спротивно на нејзината политика“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни