Одлуката, како што се наведува, е донесена поради „засилени безбедносни ризици“ и потреба од заштита на националната и јавната безбедност.
Одлуката беше објавена истиот ден кога Трамп изнесе остри коментари за Сомалија и сомалиската заедница во САД, повикувајќи се на случај во Минесота каде локалното правосудство открило измами вредни над милијарда долари, поврзани со лажни сметки за социјални услуги во кои наводно биле вмешани сомалиски мигранти.
Со најновите рестрикции се опфатени држави што веќе во јуни беа предмет на делумни ограничувања, меѓу кои Авганистан, Бурма, Чад, Конго, Еритреја, Хаити, Иран, Либија, Сомалија, Судан, Јемен, Венецуела, Бурунди, Куба, Лаос, Сиера Леоне, Того и Туркменистан. Мерката ги опфаќа сите типови имиграциски постапки – од зелени карти до барања за државјанство.
Во службениот меморандум што ја придружува одлуката се наведува и неодамнешниот напад во Вашингтон, во кој беше убиен припадник на Националната гарда, а друг беше тешко ранет. За нападот е осомничен државјанин на Авганистан, што, според администрацијата, го засилило притисокот за „целосен повторен преглед“ на сите поднесени имиграциски барања, вклучувајќи и можни нови интервјуа со апликантите.
Откако се врати во Белата куќа во јануари, Трамп ја засили примената на федералните имиграциски прописи, испраќајќи федерални агенти во поголемите градови и зголемувајќи го темпото на депортации. Минатата недела тој изјави дека неговата намера е да ја „прекине имиграцијата од сите земји од третиот свет“, што предизвика жестоки реакции од политичките опоненти и организациите за човекови права.
Сомалија, една од најпогодените земји од новите мерки, според податоците на Обединетите нации, има околу 70 проценти население што живее во сиромаштија и со децении се соочува со разорни граѓански конфликти и распаднати институции.
Извор: Index.hr
