Откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е време Украина да одржи избори, украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека земјата е подготвена да излезе на избори, но само доколку Соединетите Американски Држави и Европа можат да ѝ гарантираат безбедност. Оваа изјава предизвика бурна реакција меѓу аналитичарите, кои сметаат дека Зеленски умешно ја префрлил одговорноста назад кај Трамп, пишува Kyiv Post.
Украинскиот политолог Володимир Фесенко оценува дека одржувањето избори во сегашните услови е целосно нереално. Во иронична објава на Фејсбук тој предложи претставници на администрацијата на Трамп лично да се уверат во реалноста на теренот. Фесенко наведува дека тие би требало да дојдат како официјални советници на Централната изборна комисија на Украина, за да ја проценат можноста за избори за време на војна и да помогнат во практичните подготовки. Притоа, тој посочува дека тие не треба само кратко да поминат низ земјата, туку да престојуваат неколку дена во градови како Херсон, каде што руски дронови напаѓаат цивили, како и во Харков, Суми, Никопол, Днипро, Запорожје и Одеса, а пред сè и на самата линија на фронтот, во близина на Покровск, Купјанск или Хуљајполе.
Сличен став има и политологот Михајло Басараб, кој за украинскиот портал Еспресо истакнува дека темата за избори од самиот почеток била наметната однадвор и претставува грубо мешање во внатрешните работи на Украина. Според него, Русија ја отворила оваа тема како услов, при што непријателот не е заинтересиран за изборниот резултат, туку за самиот процес, кој отвора простор за саботажи. Басараб предупредува дека државата може да влезе во изборна кампања, но можеби нема да може да излезе од неа, бидејќи и внатрешните поделби и странското мешање би ја растргнале земјата, веќе ослабена од војната.
Полскиот весник Polityka укажува дека во Украина во моментов не постојат основни предуслови за фер и демократски избори, како еднаков пристап до информации. Во градовите тоа можеби делумно би било возможно, но постојат села отсечени од светот, без струја и вода, каде што луѓето живеат во подруми и урнатини, фокусирани исклучиво на преживување. Според весникот, секој сериозен набљудувач со право би ги довел во прашање таквите избори. Дополнително, од почетокот на војната властите го ограничиле пристапот до медиумите со цел контрола на информациите и спречување дезинформации, што, како што наведуваат, дополнително ги прави изборите фарса.
Дополнителна димензија на расправата дава дописникот на германскиот АРД, Флоријан Келерман, кој за tagesschau.de пишува дека Трамп со својот предлог сам се довел во позиција да мора да дејствува. Тој наведува дека Зеленски практично порачал: доколку САД и Европа сакаат избори, тогаш тие треба да обезбедат безбедност. Според Келерман, избори се можни само во услови на прекин на огнот, бидејќи не можат да бидат демократски или фер ако кандидатите не можат безбедно да се појавуваат во јавноста, ако избирачките места се затворени поради воздушни тревоги и ако стотици илјади луѓе се наоѓаат во ровови. Прекинот на огнот е токму она што Трамп долго време го бара, а што Украина исто така го посакува, но Русија го одбива. Оттука, заклучува Келерман, одговорноста сега е кај Трамп да го убеди Кремљ.
Рускиот политолог Владимир Пастухов, во објава на Телеграм која ја пренесува Ехо, смета дека меѓу Трамп и Зеленски постои суштинско недоразбирање околу изборите. Според него, кога Трамп зборува за избори, тој мисли на избор на наследник на Зеленски, додека кога Зеленски зборува за нив, тој првенствено мисли на свој реизбор и продолжување на легитимитетот. Пастухов оценува дека логичен следен чекор би бил Трамп отворено да побара не само избори, туку избори на кои Зеленски не би учествувал, бидејќи во спротивно „деловите од мозаикот на Трамп нема да се вклопат“.
