Трамп испраќа уште 2000 војнцици во Лос Анџелес, градоначалничката бесна

Протестите во Лос Анџелес траат веќе неколку дена, откако избувнаа поради рациите и депортациите на мигранти. Демонстрациите прераснаа во насилни, а претседателот на САД, Доналд Трамп, без согласност од државата испрати Национална гарда во градот.

Американската армија привремено ќе распореди околу 700 маринци во Лос Анџелес, додека се чека пристигнување на дополнителни сили од Националната гарда, што претставува уште една ескалација во одговорот на Трамп на уличните немири. Анонимeн американски официјален претставник изјави дека единица маринци ќе биде испратена на привремена должност сè додека не пристигнат дополнителни припадници на Националната гарда.

Пентагон соопшти дека Трамп наредил распоредување на уште 2.000 припадници на гардата. Засега не е познато кога ќе пристигнат и преостанатите војници од првата група, ниту пак новите сили најавени денеска.

Во необичен потег, Трамп ја донел одлуката против волјата на гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, кој се спротивставил на испраќањето на федерални војници во неговата држава со цел да се сузбијат протестите поврзани со имиграцијата.

Калифорнија попладнево поднесе тужба против администрацијата на Трамп, барајќи од судот да го прогласи распоредувањето на Националната гарда за неуставно и да ја спречи секоја наредна мобилизација.

Протести има и во Санта Ана, југоисточно од Лос Анџелес, како и во Сан Франциско, каде во неделата беа уапсени околу 150 лица.

Полицијата во Њујорк денеска приведе неколку демонстранти кои го блокирале сообраќајот пред федералните институции, протестирајќи против имиграциската служба ICE.

Во Атланта, пак, група граѓани попладнево се собра пред седиштето на ICE барајќи ослободување на притворените лица, според снимките на локалната подружница на CNN, WSB.

Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, изјави дека со испраќањето на маринците и Националната гарда, федералната влада го користи Лос Анџелес како „експериментален зајак“.

„Ова не се луѓето за кои ни кажаа дека ќе бидат притворени и чувствувам дека нашиот град е тест пример“, рече Бас. „Тест пример за тоа што се случува кога федералната власт ќе ги преземе ингеренциите од државата или локалната самоуправа.“

Таа нагласи дека администрацијата на Трамп тврдела дека ќе се фокусира на лица со криминално досие во спроведувањето на имиграциските закони, но оти реалноста на теренот е поинаква.

„Граѓаните на Лос Анџелес живеат во страв и терор, не знаат каде ќе удри имиграциската служба следно“, додаде Бас.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни