Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД го разгледуваат заземањето на островот Чарг во Персискиот Залив, преку кој Иран управува со околу 90 отсто од својот извоз на нафта. Војната влегува во петтата недела, бомбардирањата на Техеран и енергетската инфраструктура продолжуваат, а Пентагон испратил дополнителни 10.000 војници во регионот обучени за освојување и обезбедување територија.
Чарг: Островот кој вреди повеќе од злато
Преку Чарг, мал остров во Персискиот Залив, Иран извезува околу 90 отсто од својата сурова нафта. Трамп во интервјуто за Фајненшл тајмс рече дека „можеби ќе го освоиме, а можеби и не”, додавајќи дека тоа би значело задолжително остање на американски сили „некое време”. Паралелно изјави дека „најрадо” би ја присвоил иранската нафта, образложувајќи дека критичарите кои го оспоруваат тоа се „глупави луѓе”.
Пентагон испраќа сили, аналитичарите предупредуваат
Според Фајненшл тајмс, Пентагон наредил испраќање на околу 10.000 дополнителни војници во регионот, специјализирани за освојување и обезбедување територија. Вкупниот број на американски војници на Блискиот Исток со тоа надминал 50.000. Сепак, воените аналитичари предупредуваат дека евентуалното заземање на Чарг би ги изложило американските трупи на постојани ирански напади и дека 50.000 е далеку под минимумот потребен за поголема копнена операција во Иран. За споредба, инвазијата на Ирак во 2003 година, САД ангажирале околу 250.000 војници.
Рокот на 7 април и контрадикторните пораки
Трамп истовремено тврди дека преговорите преку пакистански посредници „напредуваат добро” и дека примирје би можело да се постигне „прилично брзо”. Рокот за договор истекува на 7 април, но Трамп веќе го одложил неколку пати. Наведе и дека Иран дозволил поминување на 20 танкери со пакистанско знаме низ Ормузскиот теснец, двојно повеќе од претходно. Од почетокот на конфликтот, американскиот претседател постојано дава контрадикторни изјави за планираното времетраење на војната и можните преговарачки решенија.