Американскиот претседател Доналд Трамп вчера објави дека го именувал гувернерот на Луизијана, Џеф Ландри, за специјален пратеник за Гренланд.
„Џеф разбира колку Гренланд е важен за нашата национална безбедност и силно ќе ги промовира интересите на нашата земја за безбедноста, заштитата и опстанокот на нашите сојузници, па и на целиот свет“, напиша Трамп во објава на социјалната мрежа Truth Social.
Белата куќа и претставниците на Ландри не одговорија веднаш на барањата за коментар, пренесува Ројтерс.
Кој е Џеф Ландри?
Џеф Ландри е американски политичар од Републиканската партија и актуелен гувернер на сојузната држава Луизијана. Претходно со години бил државен обвинител на Луизијана, а бил и конгресмен во Претставничкиот дом на САД.
На национално ниво е препознатлив како еден од најтврдокорните конзервативци на југот на земјата. Ландри го изгради својот политички профил преку теми како силно противење на абортусот, отфрлање на федералните регулаторни овластувања, отпор кон климатските политики и нагласување на принципот „закон и ред“.
Тој го поддржа Трамп и по изборите во 2020 година и учествуваше во правни и политички иницијативи со кои републиканците ги оспоруваа потезите на администрацијата на Џо Бајден. Трамп јавно го поддржа Ландри и во трката за гувернер.