Трамп и постави ултиматум на Европската унија

„Имаме дефицит со Европската унија од 350 милијарди долари и тој ќе исчезне многу брзо“, изјави Трамп. „Еден од начините за тоа да исчезне лесно и брзо е тие да мораат да ја купуваат наша енергија… можат да ја купат и ние можеме да ги отстраниме 350 милијарди во рок од една недела. Мораат да купат и да се обврзат да купуваат енергија во таа вредност.“

Европската унија ќе мора да се обврзе на купување американска енергија во вредност од 350 милијарди долари за да добие олеснувања од обемните царини на Доналд Трамп, изјави американскиот претседател во понеделникот вечерта, одбивајќи ја понудата на Брисел за „нулти тарифи“ на автомобили и индустриска стока.

Изјавите на Трамп на прес-конференцијата во Белата куќа беа одговор на претходната изјава на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која во понеделникот изјави дека ЕУ понудила укинување на царините на автомобили и индустриска стока од САД, под услов Трамп да одговори со истата мерка, пишува Политико.

На прашањето од новинарите дали таа понуда е доволна за да се откаже од тарифите, Трамп одговори: „Не, не е.“

„Имаме дефицит со Европската унија од 350 милијарди долари и тој ќе исчезне многу брзо“, изјави Трамп. „Еден од начините за тоа да исчезне лесно и брзо е тие да мораат да ја купуваат наша енергија… можат да ја купат и ние можеме да ги отстраниме 350 милијарди во рок од една недела. Мораат да купат и да се обврзат да купуваат енергија во таа вредност.“

Понудата на Урсула фон дер Лајен следеше по тоа што Трамп минатата недела воведе царини од 20 проценти за ЕУ и најмалку 10 проценти за други трговски партнери. Како резултат, финансиските пазари низ целиот свет изгубија трилиони долари на вредност, а европските акции во понеделникот забележаа најголем дневен пад од почетокот на пандемијата на Ковид.

„Многу луѓе велат: ‘О, не е важно да имаш суфицит.’ Според мене, многу е важно. Тоа е скоро како биланс на успех, добивка или губиток“, изјави Трамп.

Претседателот зборуваше во Овалната канцеларија во понеделникот, заедно со израелскиот премиер Бењамин Нетанјаху, кој допатува во Вашингтон на разговори со Трамп и за да побара исклучување за Израел од американските царини. Во обраќањето на медиумите по состанокот, американскиот претседател дополнително ја критикуваше ЕУ, но наговести дека е подготвен за договор со блокот, под услов да се обврзат да го намалат трговскиот дефицит со САД преку купување повеќе американска енергија.

Идејата ЕУ да купува американска енергија за да избегне царини не е нова. Практично веднаш по повторниот избор на Трамп, фон дер Лајен предложи да започнат преговори за купување повеќе американски течен природен гас (LNG). Меѓутоа, Политико извести дека САД не дале никакво јасно објаснување за тоа како би изгледал тој договор.

Во понеделникот, на прашањето дали неговите глобални тарифи се тактика на притисок во преговорите или трајна мерка, Трамп изјави: „Царините можат да бидат трајни, но може да има и преговори, затоа што постојат работи што ни се потребни освен самите тарифи.“

Тој додаде:„Сега Америка е на прво место.“

Како показател што го мотивира, претседателот се осврна на периодот кога царините на САД биле екстремно високи:

„Знаете, нашата земја беше најсилна од 1870 до 1913,“ рече Трамп. „Знаете зошто? Сè беше базирано на царини. Немавме данок на доход. Тогаш, во 1913, некој гениј дојде со идеја да почнеме да наплаќаме луѓето од нашата земја, а не странците кои ја искористуваат нашата земја.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни