Американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху се согласија дека САД ќе работат на намалување на извозот на иранска нафта во Кина, објави порталот Axios, повикувајќи се на двајца американски функционери запознаени со разговорите.
Средбата се одржала во Белата куќа, каде што, според изворите, било договорено Вашингтон „со полна сила“ да го спроведува максималниот притисок врз Иран.
„Се согласивме да извршиме максимален притисок врз Иран, особено во однос на продажбата на иранска нафта во Кина“, цитира „Аксиос“ висок американски претставник.
Кина: Трговијата е легитимна
Како одговор на извештајот, кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека „нормалната соработка меѓу земјите, спроведена во рамките на меѓународното право, е разумна и легитимна и треба да се почитува и заштитува“.
Кина откупува повеќе од 80 проценти од иранскиот извоз на нафта, што ја прави клучен економски партнер на Техеран. Секое намалување на таа трговија би значело сериозен удар врз приходите на Иран.
Дипломатски обиди и воени подготовки
Минатата недела американски и ирански дипломати, со посредство на Оман, разговараа за иранската нуклеарна програма во обид да се обнови дипломатскиот процес.
Во исто време, според медиумските извештаи, САД распоредиле поморска флота во регионот, додека американската војска се подготвува за можни подолготрајни операции против Иран.
Зголемената тензија дополнително ја усложнува енергетската и безбедносната динамика на Блискиот Исток.
Извор: Хина