Божиќниот џез концерт планиран за Бадник во Центарот Трамп-Кенеди беше откажан откако домаќинот на традиционалниот празничен настан се повлече во знак на протест поради промената на името на иконската институција.
Управниот одбор на центарот за сценски уметности, со кој претседава американскиот претседател Доналд Трамп, минатата недела едногласно одлучи да ја преименува институцијата по сегашниот шеф на државата, давајќи ѝ го името Центар Трамп-Кенеди, објавува „Њујорк пост“.
„Кога ја видов промената на името на веб-страницата на Центарот Кенеди, а потоа и неколку часа подоцна на самата зграда, решив да го откажам концертот“, изјави Чак Ред, тапанар, вибрафонист и долгогодишен водител на божиќниот концерт, за американската агенција Асошиејтед Прес (АП).
Тој изјави за Си-Ен-Ен дека настапува во Центарот Кенеди од самиот почеток на својата кариера и дека бил тажен што го видел менувањето на името.
Бесплатниот концерт, кој требаше да се емитува во живо на интернет, беше означен како откажан на веб-страницата на Центарот Трамп-Кенеди.
Ниту Центарот Трамп-Кенеди ниту тимот на Ред не одговорија на барањата на весникот за коментар.
Минатата недела, Трамп им рече на новинарите дека е изненаден од одлуката на одборот да го именува центарот по него и дека е почестен за тоа.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, сепак, претходно навести дека може да има промена на името, а на почетокот на месецот дури и ненамерно ја нарече институцијата „Центар Трамп-Кенеди“.
Демократските лидери во Конгресот и други критичари на промената на името тврдат дека одборот нема овластување да го преименува центарот за сценски уметности, кој претходно беше именуван во чест на поранешниот американски претседател Џон Ф. Кенеди.
Кратко по положувањето заклетва за втор мандат, Трамп ги отстрани сите членови на одборот назначени од поранешниот претседател Џозеф Бајден и се постави себеси за претседател на одборот, додека го назначи својот близок сојузник Рик Гренел за вршител на должноста извршен директор.
Авторот на мјузиклот „Хамилтон“ Лин-Мануел Миранда и други уметници објавија дека нема да изведуваат музички продукции, концерти или да организираат настани во таа институција, како одговор на одлуките на одборот на директори.
Претседателот на САД вети дека „златното доба на уметноста и културата“ ќе започне во Центарот Трамп-Кенеди.