Трамп испраќа 20.000 бомби во Израел без одобрение од Конгресот

Администрацијата на САД прогласи вонредна состојба за да ја заобиколи конгресната процедура и да испрати бомби вредни околу 660 милиони долари за војната со Иран.

Американскиот Стејт департмент објави дека државниот секретар Марко Рубио утврдил дека „постои итна ситуација која бара брза продажба на оружје“, со што се овозможува испорака на повеќе од 20.000 бомби вредни речиси 660 милиони долари.

Пакетот вклучува 12.000 тешки бомби од околу 450 килограми, како и дополнителни 10.000 бомби од 225 килограми и 5.000 бомби со мал дијаметар, заедно со друга опрема и услуги поврзани со воената поддршка.

Според американски медиуми, оружјето е наменето за војната што Израел ја започна на 28 февруари заедно со САД, со цел да се уништат иранските балистички и нуклеарни капацитети и да се елиминира дел од раководството на земјата.

Ова е првпат втората администрација на Трамп формално да прогласи вонредна состојба за да го заобиколи Конгресот при продажба на оружје на Израел. Законот за контрола на извоз на оружје дозволува таква постапка во случаи на итна безбедносна закана.

Администрацијата претходно веќе трипати ја заобиколила неформалната процедура за одобрување во Конгресот при испорака на воена помош или оружје за Израел, но без официјално прогласување вонредна состојба.

Во јануари Стејт департмент, исто така без одобрение од Конгресот, најави испорака на четири системи на оружје во вредност од околу 6,5 милијарди долари, меѓу кои јуришни хеликоптери „Апачи“ и борбени копнени возила.

САД секоја година му доделуваат на Израел околу 3,8 милијарди долари воена помош, средства што најчесто се користат за купување американско оружје.

Одлуката за испраќање бомби предизвика критики од дел од американските конгресмени. Демократскиот пратеник Грегори Микс оцени дека повикувањето на вонредни овластувања за да се заобиколи Конгресот „покажува сериозна противречност во аргументите на администрацијата за војната“.

Тој додаде дека ваквите чекори покажуваат дека администрацијата се обидува да ја забрза воената поддршка за Израел додека конфликтот со Иран продолжува да се продлабочува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни