Гренланд го одби болничкиот брод на Трамп

Јенс-Фредерик Нилсен вели дека Гренланд има јавен здравствен систем и останува отворен за дијалог со САД

Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп за идејата да испрати болнички брод на арктичката територија, но порача дека таква помош не е потребна.

Трамп претходно објави на социјалните мрежи дека работи со специјалниот пратеник за Гренланд, Џеф Ландри, на иницијатива за испраќање американски болнички брод. Предлогот доаѓа во период на засилени тензии околу статусот на Гренланд, автономна територија под суверенитет на Данска.

„Идејата на претседателот Трамп за испраќање американски болнички брод е примена к знаење. Но, ние имаме јавен здравствен систем, кој е бесплатен за граѓаните. Тоа е свесен избор“, наведе Нилсен на Фејсбук, пренесува Ројтерс.

Тој додаде дека Гренланд останува отворен за дијалог и соработка, вклучително и со Соединетите Американски Држави, но повика комуникацијата да се води директно со властите во Нук.

Објавата на Трамп уследи неколку часа по информацијата дека бил евакуиран член на екипажот на американска подморница во водите околу Гренланд, на кој му била потребна итна медицинска помош. Подморницата се наоѓала на околу седум наутички милји од главниот град Нук, но не е потврдено дали најавата за болнички брод е поврзана со тој настан.

Разговорите меѓу Гренланд, Данска и САД започнаа во јануари по повеќемесечни тензии во рамки на НАТО, поврзани со изјавите на Трамп за можноста Вашингтон да преземе контрола врз Гренланд.

Не е најавена конкретна одлука за испраќање болнички брод, а властите во Гренланд засега остануваат на ставот дека нивниот здравствен систем е доволен за потребите на населението.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни