Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека воениот буџет на САД за 2027 година треба да изнесува 1,5 билиони долари, што е значително повеќе од 901 милијарда долари, колку што Конгресот одобри за 2026 година.
Во објава на социјалната мрежа Truth Social, Трамп наведе дека одлуката за зголемување на воената потрошувачка ја донел „по долги и тешки преговори со сенатори, членови на Конгресот, секретари и други политички претставници“, нагласувајќи дека светот се наоѓа во „многу проблематични и опасни времиња“.
Изјавата доаѓа во период кога американските сили во последните денови го уапсија венецуелскиот претседател Николас Мадуро и го одведоа во САД, додека Белата куќа потврди дека Трамп разгледува и опции за преземање на Гренланд, вклучувајќи и можна употреба на американската војска.
Трамп порача дека неговата цел е да изгради „војска од соништата“.
Бара побрзо производство на оружје
Секое вакво зголемување на воениот буџет ќе бара одобрување од Конгресот, но републиканците, кои имаат тесно мнозинство и во Сенатот и во Претставничкиот дом, досега не се спротивставиле на плановите за зголемена потрошувачка.
Најавата следува по претходна објава на Трамп во која ги критикуваше компаниите од одбранбената индустрија поради бавната продукција на оружје. Тој предупреди дека ќе им забрани исплата на дивиденди и откуп на сопствени акции сè додека не го забрзаат производството.
Финансирање и влијание врз јавниот долг
Трамп истакна дека дополнителната потрошувачка ќе се финансира преку приходи од царини, кои САД ги вовеле кон речиси сите земји и бројни индустриски сектори. Според него, тоа ќе овозможи истовремено намалување на јавниот долг и подобра грижа за Американците со „умерени приходи“.
Сепак, Комитетот за одговорен федерален буџет (CRFB) процени дека овој план ќе чини околу пет билиони долари до 2035 година и ќе го зголеми американскиот долг за 5,8 билиони долари, вклучувајќи ги и каматите.
Според анализите, само половина од трошоците би можеле да се покријат со постојните царини, при што дел од нив би можеле да бидат прогласени за незаконски од Врховниот суд.
Одбранбениот аналитичар Бајрон Калан од компанијата Capital Alpha Partners изјави дека најавата на Трамп отвора сериозни прашања – каде точно ќе бидат насочени средствата и дали одбранбениот сектор воопшто ќе може да апсорбира толку голем прилив на пари.
Тој потсети дека последниот пораст на воениот буџет од над 50 проценти се случил во 1951 година, за време на Корејската војна, додека дури и значајните зголемувања во времето на Роналд Реган во 1981 и 1982 година не надминале 25, односно 20 проценти.
