Американскиот претседател Доналд Трамп побара 152 милиони долари во буџетот за 2027 година за повторно отворање на Алкатраз како активен затвор со висок степен на обезбедување. Барањето е дел од поширокиот буџетски предлог и треба да ги покрие трошоците за првата година од претворањето на поранешниот затвор во, како што наведува администрацијата, „модерна и безбедна казнена установа“.
Ова не е првпат Трамп да ја отвори темата. Уште во мај 2025 година тој им наложил на федералните институции да разгледаат обнова и повторно отворање на Алкатраз, со образложение дека таму би можеле да се сместуваат „најопасните и најнасилни“ сторители. Сега таа идеја првпат добива и конкретна буџетска рамка.

Алкатраз е еден од најпознатите затвори во американската историја. Работел како федерален затвор од 1934 до 1963 година, а бил затворен поради екстремно високите оперативни трошоци, кои според светските медиуми биле околу трипати повисоки од тие во другите федерални затвори. Денес островот е под управа на Службата за национални паркови и функционира како туристичка атракција што годишно привлекува повеќе од еден милион посетители.
Токму затоа, предлогот веднаш отвори и силни критики. Guardian и локалните американски медиуми наведуваат дека противниците на планот го сметаат за скап, непрактичен и политички симболичен потег. Критичарите посочуваат дека Алкатраз денес нема ни основна инфраструктура каква што бара современ затвор, вклучително и стабилни системи за вода, струја и канализација, а според проценки што ги цитираат американски медиуми, целосната обнова би можела да чини и повеќе од 2 милијарди долари.
Дополнителна пречка е и фактот што буџетското барање на Белата куќа не значи автоматско одобрување. Reuters потсетува дека Конгресот го третира ваквиот предлог како препорака, а конечната одлука за тоа дали ќе се издвојат парите ја носат пратениците. Тоа значи дека планот за Алкатраз засега е политичка намера со конкретна цена, но не и сигурен проект што веќе влегува во реализација.