Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп изјави дека американскиот надзор над Венецуела би можел да трае подолг временски период, оценувајќи дека „само времето ќе покаже“ колку долго ќе се задржи ваквиот аранжман.
Одговарајќи на прашање на Њујорк тајмс дали станува збор за период од неколку месеци, една година или подолго, Трамп рече дека очекува надзорот да трае „многу подолго“.
Американскиот претседател додаде дека САД планираат да ја „обноват Венецуела на многу профитабилен начин“, нагласувајќи дека во тој процес ќе се користат и продаваат нафтените ресурси на земјата. Според него, ваквиот пристап би придонел за намалување на цените на енергенсите, но и за обезбедување средства кои, како што рече, ѝ се „очајнички потребни“ на Венецуела.
